Почеток на нова година или почеток на трета светска војна? Бевме сведоци на првото, се надевам дека нема да бидеме сведоци на второто. А во контекст на второто, мојот сограѓанин, археологот Паско Кузман во негов стил порано, а и деновиве e актуелен со неговата изјава дека доколку открие каде се наоѓа гробот на Александар Македонски ќе започне трета светска војна. Изгледа археологот има некои информации што за пошироката публика се непознати, или можеби плашејќи се од почеток на трета светска војна нема да каже за гробот на големиот војсководец, но информацијата за тоа дека светот е пред прагот на трета војна е многу актуелна деновиве. Развојот на кризата помеѓу САД и Иран зададе многу теми и дилеми за почеток на трета светска војна. Во целата таа политичка гужва македонскиот кандидат за амбасадор во НАТО дури упати и закани кон Иран. Е навистина сме силна држава, штом во минатото великиот војсководец со потекло од нашиве краишта претставувал закана за една држава како Иран, а денес ете еден наш кандидат за амбасадор дури испраќа и закани кон Иран. Најверојатно на иранското лидерство ги држи стравот од минатото, па сега се воздржуваат да ги испратат своите ракети наваму.

А кажано со речникот на политичарите, ние оваа година се приближуваме кон нашата т. нар. „долгорочна и стратешка цел“ – членството во НАТО, кое секако си има и долгорочно и стартешко служење на туѓи интереси. Мината година власта беше подготвена по цена и на штета на националните интереси да направи сѐ само и само да се оствари „долгорочната и стратешка цел“. И така сега треба да бидеме свесни дека заради таа долгорочна и стратешка цел ќе бидеме приморани да заштитуваме туѓи интереси. А на крајот на денот, гледајќи вака колку им е важно нашето мислење или закани на тие големите играчи на светската политика, па кој нас нѐ прашува што ние мислиме за нивните долгорочни и стратешки игри, кога на крајот на денот ние сѐ уште не знаеме како да си ги заштитиме сопствените интереси.

Во светот третата војна не започнала и да се надеваме дека нема, но кај нас на внатрешно политички план се води вистинска предизборна војна. А во таа војна скоро и да не се бираат средства. Па така пораките што ги упати претставник на владејачката партија беа сериозни пораки што содржат говор на омраза и антисемитизам, а такви пораки се недопустливи во таа предизборна војна. Зарем од две светски војни некои луѓе се уште не научија што тие пораки со говор на омраза може да поттикнат. Значи политичката комуникација пред сѐ треба да биде насочена кон идеи и политики за подобрување на општеството, а не кон говор на омраза и антисемитизам. Но, очигледно во недостаток на подобри политики и идеи, социјалдемократите немаат што друго да понудат на политичкиот пазар, па се служат со говорот на омразата. Очигледно не ги разбрале пораките од двете светски војни. Жално за нив, штетно за сите нас.

Тргувањето со државните и националните интереси, говорот на омразата, корупцијата во најтесното раководство на социјалдемократите кажува дека таму во тој политички клуб нема идеи и политики за подобрување на стандардот на сите нас, а напротив постојат намери и цели за лични интереси. Последните три години беа доказ дека власта работеше против националните и државните интереси. На ликовите што поттикнуваат омраза и причинуваат штета местото не им е да ја водат државата. На човештвото и на сите нас не му се потребни војни, а најмалку трета светска војна. Да се надеваме дека Паско нема да биде прав, барем не за војната!