Последната изјава и СМС порака на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција воопшто не иненадуваат, туку само ги потврдуваат долгогодишните критики на обвинителството и барањата за длабоки и коренити реформи во него, вели за Лидер.мк адвокатот Звонко Давидовиќ.
Според него, шерифскиот и арогантен однос на првиот човек на Обвинителството и немањето соодветни последици и санкции ја прават сликата за распаднатиот правосуден систем комплетна. Но, ваквиот однос и начин на постапување на луѓето од ова Обвинителство, додава тој, не е нов, ниту непознат на оние кои подолг временски период се бават со кривичното право или ги следат состојбите во судството.
Уште од формирањето на ова обвинителство на извесен, суптилен начин тоа беше орудие за справување со политичките неистомисленици на власта. Ако се присетиме на предметите со Љубе Бошкоски, Шпион, Пајажина и други, повеќе од јасно е дека ова Обвинителство имало и се уште има селективен однос и двојни аршини кон тоа што е организиран криминал, вели Давидовиќ.
Давидовиќ посебно потсетува и укажува на предметот Ликвидација.
–Во тој предмет беа судени луѓе, кои се обиделе да влијаат на судски одлуки за притвор, така тогаш тврдеше Обвинителството, но сега воопшто нема реакција на тоа Обвинителство кога неговиот шеф се зканува на судии за да изнуди или спречи судска одлука, која не и се допаѓа на првата обвинителка. Ваквите закани не само што се нецивилизирани и некоректни, туку се и незаконити и противправни затоа што со нив се обидува да се изврши влијание на судот за да донесе судска одлука по мерка и вкус на обвинителката, потенцира тој.
Давидовиќ додава дека такво нешто во земјите со нормален правен систем се санкционира, а во нашиот нема дури ни реакција на Советот на обвинители, ниту на јавниот обвинител.
-Впрочем, истата таа обвинителка води предмет во кој се обвинуваа луѓе за влијание врз судството или обвинителството, а таа самата го прави истото. Ова е голема срамота за нашето правосудство, но и потсетување зошто мораше да се формира СЈО. Само длабоки и коренити реформи, со евалуација на работењето на секој обвинител и судија и соодветна санкција за ваквите постапувања може да го воскресне судскиот систем, нагласува Давидовиќ.
Comments are closed for this post.