Атина планира конкретни потези во следниот период со цел да ја потврди надградената улога што се обидува да ја има на Балканот и да спречи развој на настаните, особено во Северна Македонија, кои би можеле да бидат против грчките интереси, пишува весникот „То Вима“ во текстот под наслов „Иницијатива со двојна цел на Балканот – Следните потези на Атина со Заев и Рама по француското вето“, анализирајќи ги следните чекори и ставот на Грција.
Во текстото се вели дека минатата седмица во Министерството за надворешни работи на Грција се одржал состанок под шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас со учество на високи дипломати, а целата била „да се разгледаат следните чекори од Атина, земајќи ги предвид изјавите на Зоран Заев за евентуално замрзнување на дел од Договорот од Преспа, а поконкретно одредби поврзани со отворање на пристапнте поглавја“.
Генералната проценка што беше формирана е дека тврдиот став на францускиот претседател ја убива агендата на Солун од 2003 година, што беше еден од најважните моменти од грчката дипломатија. Поради тоа, грчката влада треба да најде начини на пристап како со Северна Македонија, така и со останатите земји од таканаречениот „Western Balkans 6“ со цел да се потврди водечката улога на Грција во регионот, пишува „То Вима“.
Весникот додава дека во овој контекст, Атина разгледува начини за координирање на активностите и со другите балкански земји членки на ЕУ-Бугарија, Хрватска и Словенија, а Грција веќе презела и директни чекори и кон Скопје и кон Тирана, меѓу кои и „неформални телефонски контакти со Северна Македонија, кои ќе се интензивираат во следниот период“.
Новинарот ги анализира и внатрешно – политичките случувања кај нас, вели дека грчкото МНР ги следи настаните, а кај Атина постои и загриженост за „изјавите кои доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ за постизборната позиција на партијата во случај на победа на изборите и последиците за билатералните односи“.
Според „То Вима“, пораката што Грција ја испраќа до македонскиот премиер Зоран Заев е дека „усвојувањето на националистичка реторика нема да му помогне да се соберат гласачи“.
Напротив, Атина бара од господинот Заев да инсистира на потребата за приближување кон Европа и за спроведување на одредбите од Договорот од Преспа, пишува „То Вима“.
Comments are closed for this post.