Министерствата за внатрешни и за надворешни работи, како и општина Свети Николе, ги поседуваат најскапите службени возила во Македонија. Трите автомобили се од марката „Мерцедес“, а убедливо најскап меѓу нив е полицискиот, што има набавна цена во вредност од 572.780 евра.
На второто место е „Мерцедесот“ на министерството за надворешни работи, што чини 81.301 евра, а потоа службеното возило на општина Свети Николе (77.839 евра). Веднаш зад нив се „Мерцедесите“ на министерството за финансии (76.768 евра) и на општина Кавадарци (70.075 евра).
Ова се бројките што ги објави Центарот за граѓански комуникации, чии податоци покажуваат дека државните институции во Македонија, поточно министерствата и општините имаат вкупно 2.645 автомобили. Во таа бројка министерствата учествуваат со 2.215 возила, вредни 27,2 милиони евра, додека општините имаат 430 возила во вредност од 5,7 милиони евра.
Во соопштението на Центарот се наведува наведува дека за 2.008 возила набавната вредност е 33 милиони евра, додека за 637 патнички возила институциите немаат доставено податоци за набавната вредност.
Изворните податоци се обезбедени преку 97 институции. Од Центарот за граѓански комуникации посочуват дека биле потребни повеќе од три месеци само да се приберат информациите што, како што наведуваат, говори за ниското ниво на отчетност и воопшто на прецизна евиденција за имотот со кој се располага.
Оваа база на податоци, стои во соопштението, е дел од предвидените десет истражувања и бази на податоци за трошењето на јавните пари кои ќе се реализираат во рамки на проектот Јавно трошење за јавно добро, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.
Целта на проектот што го спроведува ЦГК е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.
Comments are closed for this post.