Еврокомесарот назначен за портфолиото проширување и соседска политика, Ласло Трочањи, денеска ќе биде сослушан од пратениците во комисијата за легални прашања околу потенцијален конфликт на интереси.
Одлуката да биде сослушан унгарскиот кандидат е донесена вчера, од него ќе се бара да се објасни за адвокатската фирма што ја основал во 1991 година, Наги ес Трочањи.
Во прашање се доведуваат врските на Трочањи со оваа адвокатска фирма откако станал министер за правда во владата на Виктор Орбан во 2014-та година. За време на министерскиот мандат тој се занимавал со предмети во кои неговата фирма имала директен интерес, пренесуваат невладините организации кои работат на овие прашања во Брисел. Европратениците ќе се интересираат за договорите помеѓу фирмата и владата.
Истражувањата на унгарските медиуми покажуваат дека Трочањи вработил еден од директорите на фирмата како негов советник, Тибор Богдан, што му дало можност на Богдан да биде присутен на владините седници.
Трочањи тврди дека неговото учество во адвокатската фирма е “суспендирано“ од 2007-ма година, но медиумите дошле до докази дека за време на неговиот мандат тој и натаму имал финансиски влог во компанијата.
Се очекува европратениците да бараат одговори за неговиот удел во фирмата и што правел со него за време на неговиот министерски мандат. Прашање ќе биде исто така дали планира да се врати во оваа фирма откако ќе му заврши мандатот во Европската Комисија.
Невладините организации кои работат на конфликт на интереси во Брисел истакнуваат дека Трочањи би требало да биде испрашуван и за бизнис интересите на владата на Орбан во земјите од Западниот Балкан, со оглед на тоа дека Унгарија е силно ангажирана во регионот, каде планира да ги проширува своите бизнис и политички мрежи, велат од невладината ЦЕО.
Comments are closed for this post.