Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев од денеска до сабота ќе престојува во Њујорк каде што ќе учествува на 74. Генерално собрание на Обединетите нации. Утре, според грчки извори, ќе биде реализирана и средба Заев-Мицотакис.
Ова ќе биде прва средба на двајцата премиери откако Кирјакос Мицотакис победи на изборите што се одржаа на почетокот на јули во Грција.
Во агендата на премиерот Заев е предвидена и официјална средба со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, како и присуство на приемот на покана од претседателот на САД Доналд Трамп и сопругата Меланија по повод одржувањето на 74-тото Генералното собрание на ОН.
Официјалното обраќање на премиерот Заев на Генералното собрание на ОН е предвидено за сабота во претпладневната сесија.
Во состав на владината делегација се и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Министрите ќе учествуваат во работата на форумите во рамки на четирите самити кои годинава се посветени на климатските промени, на универзалниот пристап до квалитетни здравствени услуги, на целите за одржлив развој и на финансирање на развојот.
Comments are closed for this post.