Сослушувањата на кандидатите за еврокомесари во Европскиот Парламент ќе се одржат од 30 септември до 8 октомври. Европратениците се подготвуваат за жестоки размени со некои од кандидатите, меѓу кои и Унгарецот Ласло Трочањи, назначен за проширувањето.
Кандидатите назначени од новата претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејн, ќе одговараат на прашањата на европратениците три часа, а Парламентот треба да гласа за севкупниот состав на Комисија на 23 октомври.
Пратениците не гласаат за секој комесар одделно, но ќе имаат време да ги поднесат своите забелешки и, доколку некои кандидати се неприфатливи, предвидено е време меѓу 8 и 23 октомври за сослушувања на евентуалните нови кандидати.
Во екипата на новата претседателка повеќе имиња се проблематични, во нив спаѓа и Ласло Трочањи кому му е доделен ресорот „проширување и соседска политика“, на местото на Јоханес Хан.
Трочањи, кој е поранешен министер за правда во владата на Виктор Орбан, е архитектот на некои од најконтроверзните судски реформи во Унгарија поради кои Будимпешта се најде во судски спор со Европската Комисија. Оттука, на неговото сослушување, европратениците ќе бараат гаранции за неговата независност во однос на Орбан. Освен тоа, се очекува да му бидат поставени прашања за азилот на поранешниот македонски премиер, Никола Груевски. Проблем може да се појави и околу влошените односи на владата на Орбан со Украина, чиј влез во НАТО Унгарија го опструира, соопшти деновиве Европскиот совет за надворешни работи.
Но, засега, иако партијата на Орбан е суспендирана во своето европско политичко семејство, Европската народна партија (ЕПП), претседателот на групата во Европарламентот, Манфред Вебер, вчера побара да му се даде шанса на Трочањи „да нѐ убеди“.
– Имаме специјална ситуација со Унгарија затоа што владејачката партија Фидес сѐ уште е суспендирана од ЕПП, и кога ЕПП ќе се состане за неколку недели Виктор Орбан нема да има право на збор таму. Сепак, ќе дадеме фер проценка за унгарскиот кандидат и ќе му дозволиме да се претстави. Тој беше член на Венецијанската комисија десет години, а Орбан има право да номинира кандидати, изјави од Стразбур Манфред Вебер.
Во Брисел интензивно се шпекулира дали Фон дер Лејн намерно го назначила Трочањи на место на кое е сигурна дека Европскиот Парламент ќе го отфрли и со тоа би избегнала конфронтација со Орбан, чии европратеници ќе и бидат потребни кога ќе се гласа за целиот состав на новата Комисија.
Додека пак други извори сметаат дека Европскиот Парламент нема да го одбие Унгарецот од причина што има попроблематични кандидати, како Полјакот или Романката.
Јан Војчеховски, кандидатот на полската владејачка партија назначен за комесар за земјоделство, е под истрага на антикорупциското тело на ЕУ, ОЛАФ, поради финансиски злоупотреби за време на неговиот мандат како европратеник.
Рована Плумб од Романија се споменува во корупциски скандал со недвижнини во нејзината матична земја.
Наводи за корупција го оцрнуваат и предлогот на француската кандидатка, Силви Гулар, предложена од партијата на Емануел Макрон, која е под истрага и во Франција и во ЕУ за фиктивни вработувања во време на нејзиниот мандат како европратеничка. Освен тоа, обелоденето е дека за време на тој мандат прифатила десетици илјади евра месечно од американски тинк тенк, Институтот Бергруен. Сослушувањето на Гулар се очекува да биде едно од најжестоките.
Белгискиот кандидат, Дидие Рејндерс, исто така, од редовите на либералите, би можел да наиде на тешки прашања за време на сослушувањето поради последните обвинувања за перење пари од страна на поранешен вработен во белгиското разузнавање.
Конечно, освен Плумб, социјалдемократите би можеле да имаат проблеми и со нивната португалска кандидатка, Елиса Фереира. Според извори во Парламентот, ЕПП се подготвува да ја „нападне“ Фереира поради нејзиниот сопруг, кој е претседател на регионална комисија задолжена за распределување на европските фондови, а Фереира е назначена за комесарка за кохезија и реформи, што значи дека ќе биде одговорна токму за регионалните европски фондови, што би претставувало конфликт на интереси. Сепак социјалдемократите смируваат дека сопругот на Фереира претседава со јавно тело и нема никаков личен интерес.
Европскиот Парламент треба деновиве да ги потврди роковите на сослушувања и да ги прецизира датумите за секој од кандидатите за еврокомесари.
Comments are closed for this post.