Владата не беше запознаена за намерата, ниту информирана за одлуката на менаџментот на комплексот „Македонско село“, објектот да биде затворен и да престане да работи.
Оваа го соопшти Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), како надлежна за стопанисувањето на објектите во сопственост на Владата.

 

Во договорот склучен меѓу СОЗР и концесионерот, претставуван од компаниите „Тинекс“ и хотелот „Квинс“, има член кој јасно определува дека за ваква одлука давателот на концесијата треба да биде известен најмалку шест месеци однапред, се вели во соопштението.

СОЗР денеска ќе ги покани претставниците на менаџментот на концесионерот утре на состанок да информираат за причините за нивната одлука. Од средбата со менаџментот на концесионерот на „Македонско село“, и од разговорот за новонастанатата ситуација, како што се наведува, СОЗР ќе постапи согласно одредбите регулирани со договорот за концесија.

Компанијата „Тинекс“ на 23 јуни 2016 година свечено го отвори комплексот „Македонско село“, лоциран во село Нерези во близина на манастирот „Св. Пантелејмон“. Етно-комплексот има 12.000 метри квадратни и е изграден во стилот на традиционалната македонска архитектура. Има автентични куќи од различни краишта на Македонија со сместувачки капацитет за сто гости. Во состав на комплексот се хотел, ресторани и дополнителни содржини.

Според тогашната одлука на Владата, „Тинекс“ и хотел „Квинс“ – два субјекта кои се во сопственост на Владимир Тодоровиќ и неговото семејство, требаше да стопанисуваат со комплексот „Македонско село“ 20 години