Наредната недела на седница на Советот на Град Скопје треба да биде изгласана одлуката за преземање на топловодната мрежа и веднаш почнуваме постапка пред Регулативната комисија за енергетика за добивање на потребните лиценци за работа. Очекувам до ноември да добиеме лиценца за дистрибуција, а кон почетокот на наредната година и за снабдување со топлинска енергија. Тоа го става Град Скопје во можност да креира социјални програми кои ќе може да ги понудиме на граѓаните за централното затоплување да биде еден од најеколошките и најевтините начини за греење на домаќинставата“, изјави градоначалникот Петре Шилегов..
Зимава Град Скопје треба да ја презеде дистрибуцијата и снабдувањето на домаќинставата со топлинска енергија. Откако на 30 јули Владата ја додели на трајно користење топловодната мрежа на градското претпријатие за дистрибуцијата на топлинска енергија и гас „Градски енергетски системи“, Градот ја почнува постапката за добивање на потребните лиценци, со што ќе управува со парното греење во Скопје наместо „Балкан енерџи груп“ (БЕГ).
Градоначалникот Петре Шилегов очекува кон почетокот на наредната година, целосната контрола на топловодната мрежа да ја има Градот, со што ќе спроведe мерки за поголем број граѓани да се приклучат на парно греење и да добиваат пониски сметки.
Ја добивме топловодната мрежа, што според мене е една од фундаменталните мерки. Заокружен е гасоводниот прстен околу Скопје и во финална фаза сме во преговорите со Владата за финансирање на новиот концепт на јавен транспорт. Ова три работи се фундаментални за справување со загадувањето, а овој град за жал во изминатите три децении ги пропуштил. Сега живееме во последиците од тоа“, вели Шилегов.
Comments are closed for this post.