Целосна посветеност на стратешките цели на земјата – влез во НАТО и ЕУ, но и натамошно чекорење на патот на безбедна, стабилна, сигурна, мирна и пријателска земја, во која сите заеднички ќе се борат против сиромаштијата и корупцијата, против загадувањето и за подобра економска состојба побара денеска премиерот Зоран Заев од секој поединец во земјава, но и од политичките чинители, земјоделците, бизнисмените, жените на прославата на Денот на независноста – 8 Септември, што се одржа на Школка во Градскиот парк во Скопје.
„Кога разговараме и дебатираме за безбедна, сигурна, мирна, пријателска и стабилна, европска Северна Македонија, не разговараме за држава на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, на ДУИ или за држава на која било друга политичка партија. Ако сме сите посветени на исти, стратешки цели за нашата држава, за сите наши граѓани, тогаш ќе имаме поблиска соработка и нема да има толку длабоки делби меѓу нас“, порача премиерот Заев во својот говор пред присутните на прославата, која денеска се одржа под мотото „Боите на независноста“ во организација на Владата.
Тој нагласи дека во периодот од 75 години од државотворниот АСНОМ и 28 години пат на самостојно една од најважните лекции е онаа за демократијата.
„Се дигнавте против делбите, кавгите и против тесно партиски интереси и јасно порачавте, и нам и на денешната опозиција, дека е време за да го фатиме вистинскиот, правиот пат и да одиме напред“, рече тој.
Говореше за стратешките цели на земјата – влезот во ЕУ и НАТО, нагласувајќи дека европските вредности се иднината на земјата.
„Стартот на преговорите за членство во ЕУ, во октомври ќе го зајакне континуитетот на домашните реформи. Остануваме посветени на зајакнување на владеењето на правото и зголемувањето на животниот стандард, а членството во НАТО и преговорите за членство во ЕУ ќе ни дадат дополнителна енергија и поддршка за тие реформи“, истакна премиерот.
Заев истакна дека Денот на независноста – 8 септември 1991 година ни покажа дека слободата и самостојноста ги имаат најубавите бои.
„Дека радоста, среќата и убавината што ја преплавија тогаш нашата татковина треба да ги паметиме и да ги носиме со нас секогаш кога ќе се соочуваме со искушенија и опструкции на нашиот пат. Тоа се нашите бои, боите на независноста и на слободата“, порача Заев.
Тоа, како што кажа, се боите кои Социјалистичка Република Македонија ја прогласија за независна Република Македонија.
Оваа година, како што рече, заеднички го прославуваме овој голем празник облечени во најубавите бои, во боите што самите ќе избереме и гордо ќе ги носиме, затоа што мозаикот е целосен само ако секое камче секој дел посебно си го наоѓа своето место во тоа наше заедништво.
„Затоа градиме едно опшетство за сите, затоа секој е важен и затоа секој е одговорен тој наш мозаик нашата татковината да зрачи со силна светлина и со својата целина“, истакна премиерот.
Денот на независноста – 8 Септември, како што рече, ќе остане запаметен како ден кога се обединивме за да ја заокружиме нашата државност и да избереме пат исполнет со меѓусебно разбирање среќа и просперитет.
Во своето обраќање тој посочи дека ова место – Школка – како да има некаква симобилика со своето име.
„Дваесет и осум години после независноста оваа наша земја која наликуваше на затворена школка конечно се отвора пред Европа и светот и добива можност да ја покаже својата вредност. Македонскиот бисер од школката почнува силно да сјаје. Од држава со многу проблеми и лоши односи со сите соседи сега сме позитивне пример модел што другите сакат да го следат, гордост европска“, нагласи премиерот.
Потенцира дека со решавање на спорот со Грција имаме кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет.
„Македонци, Македонец, Македонка, македонско. Како дома, така и во странство. Преведено без ограничувања на сите јазици во светот. Идентитет за севкупна употреба, признаен од сите. Јазикот се користи слободно секаде, во Обединетите Нации, НАТО, во Европската Унија, во сите официјални институции, активности и настани. Нашиот идентитет е потврден и зајакнат. Нашето државјанство е: македонско/граѓани на Северна Македонија. Тоа е потврда за нашиот идентитет и гаранција за нашата иднина. И денеска, и во секоја наредна и пригодна прилика упатувам благодарност и на сите наши сограѓани Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и на сите други етнички заедници, што покажаа другарско и братско разбирање“, нагласи Заев.
Истакна дека Република Северна Македонија е препознаена како инспиратор на еден нов Балкан, достоен за 21 век и додаде дека земјата оди напред и повеќе не робуваме на минатото.
„Одиме напред, без страв и без предрасуди. Знаеме кои сме и што сакаме. Не треба да им подлегнеме на емоциите кои се јавуваат при секоја промена. Ако рационално размислиме тогаш ќе сфатиме дека ништо не губиме, а можеме да добиеме сѐ. Изградивме уникатно општество, подигнавме стабилна држава“, нагласи Заев.
Comments are closed for this post.