Извештајот за Катица Јанева кој содржи докази за „Рекет“ треба да биде декласифициран и јавноста да присуствува на комисиската расправа за нејзино разрешување.

Ова денеска го побара претседателот на Комисијата за избори и именувања, Илија Димовски откако вчера попладнето спикерот Талат Џафери му го достави материјалот класифициран како доверлив.

„Мој личен став е дека Советот на јавни обвинители треба да го декласифицира извештајот за специјалната јавна обвинителка. Комисијата треба да се одржи со присуство на јавноста. На тој начин ќе се зголеми во довербата на граѓаните во Собранието и правосудниот систем“, рече Димовски.

Поради ова, најави дека денеска ќе побара од Претседателот на Советот на Јавни обвинители, Ацо Колевски, извештајот да биде декласифициран.

Тој тврди дека првично извештајот на 30 август до Собранието пристигнал без класификација, но еден ден подоцна односно на 31 август стигнал нов допис од Советот на јавни обвинители со кој се информира Собранието дека материјалот е класифициран.

Извештајот пред пратениците ќе се најде на седницата закажана за четврток.

Доколку не се декласифицира извештајот, Димовски вели дека Комисијата има капацитет да одлучува веднаш бидејќи само тројца членови не поседуваат сертификат за класифицирани информации и истите можат да се заменат со замениците членови кои го поседуваат тој сертификат. Притоа вели тој нема да биде нарушен соодносот на членови од политичките партии.