Ракот стана основна причина за смртноста кај богатите нации, надминувајќи ги срцевите заболувања, покажуваат резултатите од две штотуку објавени глобални проучувања, кои траеле со децении, јавува АФП.
Податоците покажуваат дека срцевите заболувања, на глобално ниво, остануваат водечка причина за смртност меѓу луѓето на средна возраст и тоа со над 40%. Но, во побогатите држави ракот убива повеќе луѓе, отколку срцевите заболувања, се вели во истражувањата објавени од авторитетното издание „Лансет“.
Светот е сведок на нова епидемиолошка транзиција меѓу различните категории од незаразни болести, па срцевите садови веќе не се водечка причина за смртноста во државите со високи приходи, вели Жил Дегане, професор на универзитетот „Лавал во Квебек.
Тој прецизира дека проучувањето на неговата екипа покажало дека во 2017 година ракот бил втората најчеста причина за смртност на глобално ниво и на него припаѓале 26% од смртните случаи. Ракот, пак, може да стане основна причина за смртност во светот за само неколку децении.
Со истражувањето биле опфатени 160.000 возрасни лица од држави со високи, средни и ниски приходи. Тоа покажало дека веројатноста луѓето од посиромашните нации да добијат рак е просечно 2,5 пати пониска во споредба со жителите на побогатите држави.
Податоците уште покажуваат дека незаразните болести, како рак и пневмонија, поретко се среќаваат во државите со пониски приходи.
Второто истражување, исто така на канадски научници, разгледува податоци за пациенти од 21 држава и ги открива ризичните фактори, што предизвикуваат 70% од срцевите заболувања во светот. Тоа се диетите, однесувањето и социјалноекономските фактори.
Comments are closed for this post.