Производителите на грозје ќе собираат потписи и со петиција ќе бараат лозарска правда. Ова го истакнаа денеска од Здружението „Напредни лозари” од Кавадарци.

Винариите веднаш да ги истакнат цените на винско грозје кои ќе бидат барем минимум два денари повисоки од ланските. Владата да донесе одлука дополнително да помогне со два денари. За наредната година да се истакнат гарантирани минимални заштитни цени кои нема да бидат под производната цена. Цените догодина да се истакнат пред закројувањето, најдоцна до Св. Трифун, за да видат лозарите дали воопшто да ги кројат лозјата или да ги копачат.

Се надеваме дека ќе бидат удоволени нашите барања за доброто на лозарите, сите граѓани на Тиквешкиот регион и државата. Секоја друга опција како штрајкови, копачења на лозјата, ќе бидат штетни за сите, информираа од Здружението.

Потсетија дека се во многу тешка положба. Рекоа дека покрај сите навремени укажувања за неиздржливата состојба, досега не биле преземени мерки за надминување на состојбата. Затоа преку своите здруженија и поддржани од КСОМ нараат винското грозје да се откупува по пазарни повисоки цени, а не како сега, по цени кои не се пазарни и се под производствените.

Според нив, цената на винското грозје не смее да биде пониска од цените во соседството и треба да се стреми кон цените во ЕУ. Сега, според нив, донашниот пазар представува црна дупка во Европа. Сметаат дека винариите како и секогаш, се однапред договорени, да не објавуваат цени навремено, со цел грозјето да презрее и тогаш лозарите се во тесно, мора веднаш да го оберат грозјето и им го дадат на винариите по пониски цени, затоа што ќе пропадне во нивите.

-За да се промени ова Владата мора да го промени амбиентот и најпрво да одреди заштитни цени на винското грозје. Не држи објаснувањето дека таа не може да им каже на винариите по која цена да го откупуваат грозјето. Владата не може да им каже и на работодавачите колку да ги плаќаат работниците, па одредува минимална плата за да не биде злоупотребен трудот на работниците од работодавачите. Винариите многу повеќе ги злоупотребуваат лозарите. Не може Владата да дава големи субвенции од буџетот за да им овозможи евтина суровина на винариите, додека лозарите работат со загуба. Се добива впечаток дека Владата дава субвенции само со цел лозарите не ги ископачат лазјата, за да можат винариите да се богатат и ги експлоатираат лозарите. Ако Владата не преземе мерки, наскоро ќе нема лозови насади на штета на лозарите и целото стопанство во државата, нагласија од Здружението.