„Ова се случува кога политичари подготвуваат и носат закони, без да консултираат експерти од правната фела. На површина излегуваат недостатоците и мааните, кои уште повеќе ја усложнуваат и онака сложената ситуација“, вели за Пресинг Тв, адвокатот Зонко Давидовиќ, по притворањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и дилемите што произлегоа како натаму да функционира институцијата, што таа ја раковод(и)еше.
Според Давидовиќ, клучно е да се одреди дали станува збор за престанок на функцијата или за разрешување на специјалната јавна обвинителка, околност што дополнително е обременета со нејзината условена оставка.
На вчерашната средба со новинарите, јавниот обвинител Љубомир Јовевски рече дека сега Советот на јавни обвинители треба да избере вршител на должност за шеф на СЈО од редот на помошниците обвинители на Катица Јанева и, патем, се повика на завршните одредби од Законот за СЈО, иако таму тоа – не го пишува.
Претседателот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјов, пак, укажа дека во оваа ситуација постојат правни празнини. Тој потсети на членот 18 став 4 од Законот за јавно обвинителство кој предвидува: „Ако на јавниот обвинител на РМ му престане функцијата или е разрешен од функција, Советот на јавни обвинители од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на РМ определува обвинител што ќе ја врши функцијата до изборот на нов јавен обвинител“.
Јавниот обвинител Јовески прво нема никакви ингеренции за да предлага решенија и второ, очигледно не го познава добро и Законот за СЈО. Од друга страна, Штерјов веќе има делумни ингеренции во врска со специјалната јавна обвинителка и очигледно е дека тоа што го кажува го црпи од Законот за СЈО. Точно е дека во член 1 став 2 од Законот за СЈО се предвидува дека за се што не е уредено со Законот за СЈО се применуваат одредби од Законот за јавното обвинителство. Но, доколку се погледне целиот Закон за СЈО и особено одредбите за избор и разрешување на специјалниот јавен обвинител, тоа што го предлага Јовески е во спротивност со овој Закон, вели Давидовиќ.
Давидовиќ појаснува дека во редовното јавно обвинителство сите обвинители имаат ингеренции, што произлегуваат од јавно-обвинителската функција, а тоа е да водат истраги, да подигнуваат обвиненија и истите да ги застапуваат пред надлежен суд. Еден од тие обвинители се назначува како шеф на јавното обвинителство и тој е прв меѓу еднаквите, кој ја координира и организира работата на обвинителството, додека другите јавни обвинители имаат овластувања, што произлегуваат од нивната функција како јавни обвинители, а не од функцијата на шефот на јавното обвинителство.
Во СЈО единствен кој има ингеренции и овластувања е специјалниот јавен обвинител, додека сите други обвинители само му помагаат на специјалниот јавен обвинител и немаат јавно-обвинителски овластувања се додека специјалниот јавен обвинител не им ги предаде или овласти за преземање дејствија. Во член 9 став 3 од Законот за СЈО стои дека јавните обвинители, кои му помагаат на специјалниот јавен обвинител немаат право да донесуваат наредби и поднесуваат обвиненија, а имаат право да го застапуваат специјалниот јавен обвинител пред надлежен суд. Значи, во самиот Закон стои дека специјалниот јавен обвинител раководи со СЈО и точка, потенцира Давидовиќ.
Давидовиќ е дециден дека без разрешување на специјалниот јавен обвинител не може да се именува нов, па и да станува збор за вршител на должноста. А, за тоа постојат неколку услови, што се наоѓаат во членовите 17, 18 и 20 од Законот за СЈО и се однесуваат на тоа дали нему му престанува функцијата или се разрешува.
Ако станува збор за престанок на функцијата, Давидовиќ вели дека прво Собранието го покренува прашањето и тоа треба да обезбеди писмена согласност од четирите политички партии, што ќе треба да ја стави на дневен ред и за неа треба да се добие двотретинско и Бадентерово мнозинство. Собраниската одлука потоа треба да се достави до Советот на јавни обвинители, кој треба да го констатира престанокот на функцијата на специјалниот јавен обвинител.
Ако, пак, станува збор за разрешување, тогаш Советот на јавни обвинители ја покренува постапката за разрешување на специјалниот јавен обвинител поради незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата. Советот треба да изготви извештај за фактичката состојба и да го одреди основот за разрешување.
Тој извештај мора преку собраниските комисии да биде достапен за јавноста. Собраниската комисија за избори и именувања, по претходна согласност на четирите политички партии го доставува извештајот до Собранието и Собранието носи одлука, односно го утврдува предлогот за разрешување, повторно со двотретинско и Бадентерово мнозинство, што потоа му го доставува на Советот на јавни обвинители, кој го констатира разрешувањето. И по иста постапка се избира нов специјален обвинител, што всушност е и регулирано во членот 3 од Законот за СЈО, каде не се прави разлика дали станува збор за избор на стариот, нов или в.д специјален обвинител. Процедурата е иста, вели Давидовиќ.
Кога станува збор за тековните предмети на СЈО, Давидовиќ го остава отворено прашањето дали и колку сега имаат овластувања помошниците обвинители на Јанева, па оттука и потребата новонастанатата ситуација што поскоро да се разреши.
Comments are closed for this post.