Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, синоќа даде формално одобрување новоизбраниот претседател Џо Бајден да започне со процесот на транзиција на власта.

Известувањето го испратил шефицата на Службата за општа администрација, Емили Марфи, со писмо во кое го нарекува Бајден „очигледно избраниот претседател“.

Дозволата за да започне транзицијата на власта се случи откако официјални лица од сојузната држава Мичиген синоќа го сертифицираа Бајден за победник на претседателските избори, а тоа наскоро се очекува да го сторат и властите во Пенсилванија.

И актуелниот претседател Доналд Трамп синоќа на Твитер потврди дека препорачал да започнат првичните протоколи за предавање на власта на Бајден „во најдобар интерес за нашата земја“.

„Препорачувам Емили (Марфи) и нејзиниот тим да направат што треба во однос на првичните протоколи и му кажав на мојот тим да го направи истото“, напиша Трамп на твитер.

 

Бајден и новоизбраната потпретседателка Камала Харис, во меѓувреме почнаа да ги објавуваат имињата на нивниот нов тим. Долгогодишен соработник Ентони Блинкен ќе биде државен секретар. Тој досега беше еден од главните советници за надворешна политика на Бајден и беше втор по ранг во Стејт департментот во мандатите на претседателот Барак Обама, кога Бајден беше потпретседател.