Техеран, градот со најбројна популација во Западна Азија, постепено тоне. Делово од главниот град на Иран „пропаѓаат“ по 25 сантиметри годишно, а се чини дека проблемот со седиментацијата ќе го зафати и меѓународниот аеродром, велат геолози.

Истражувачите во Геолошкиот истражувачки центар во Потсдам, Германија, ги анализираа сателитските податоци од 2003-2017 година со цел да го успорат тонењето на градот кој има 13 милиони жители и кој во последните 40 години порасна двојно.

Еден од главните проблеми на Техеран е водоснабдувањето,  а како посебен пробоем се наведени околу 30.000 илегални бунари. Новата студија ја покажува големата магнитуда на проблемот. Западен Техеран (мешавина на предградија и фармерско земјиште) пропаѓа годишно за околу 25 сантиметри, како и руралниот Врамин кој тоне на југоисток на градот. Оваа седиментација е меѓу највисоките во светот.

Меѓународниот аеродром на југозападниот дел од градот тоне годишно по пет сантиметри. Студијата покажува дека и околу 10 проценти од урбаниот дел на градот се зафатени.

„Кога шетате низ тие населби ќе видите невообичаени површини на патиштата, преместени потпори, пукнатини во ѕидови, дури и згради кои се нишаат, некои и пред уривање“, изјави главниот истражувач, Махди Мотанг.

Во југоисточниот дел на Техеран се појавиле огромни процепи, долги по неколку километри, со дупки по четири метри. Постои закана од паѓање на далноводи или искривување на пругите. Имало случаи кога во вртачи пропаѓале луѓе, како случајот со еден овчар кој пропаднал во таква дупка длабока шест метри и кој заробен чекал со часови за да го спасат.

Со процесот на седиментација на теренот се зафатени 120 км. пруги, 2.300 километри патна мрежа, 21 мост, 30 км. нафтоводи, 200 км. гасоводи, 70 км. електртромрежа под висок напон и повеќе од 250.000 куќи.

Со слични проблеми во светот се соочуваат Џакарта, во Индонезија, која годишно тоне по 20 сантиметри и Долината Сан Хуан во Калифорнија.