Американскиот претседател Доналд Трамп изрази сочувство до народот на Шри Ланка поради „ужасните терористички напади врз цркви и хотели“, истакнувајќи оти Вашингтон е подготвен да и помогне на азиската земја.
Трамп во Твитот погреши и напиша дека во нападите загинале најмалку 138 милиони луѓе, а подоцна се корегира и напиша „138 лица“.
Во Шри Ланка живеат 21 милион луѓе.
Претходно, и папата Франциско ги осуди „суровите напади“ на Шри Ланка.
Со тага и болка ја примив веста за смртоносните напади, кои денеска, на Велигден, донесоа жал и болка во црквите и на други места каде се собираа луѓе на Шри Ланка, истакна папата Франциско на Плоштадот Свети Петар.
Претходно, нападите на Шри Ланка ги осудија и индискиот премиер Нарендра Моди и шефицата на индиската дипломатија Сушма Свараџ, авганистанскиот претседател Ашраф Гани, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, канцеларката Ангела Меркел, како и австрискиот претседател Александер ван дер Белен, канцеларот Себастијан Курц и шефицата на дипломатијата Карин Кнајсел, како и турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу. (МИА)
Comments are closed for this post.