Административниот суд во Рим донесе пресуда дека бродот на шпанска хуманитарна организација „Опен армс“, со 160 мигранти на него, може да вплови во италијанските води. Судот ја усвои жалбата на таа организација по забраната бродот да се закотви во Италија, што ја донесе италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини.

Поради забраната на Салвини, бродот на шпанската организација две недели чекаше за дозвола за закотвување на италијанскиот брег.

Според организацијата „Опен армс“ во овој период на некои мигранти на бродот им се влошило здравјето.

Во образложението на пресудата италијанскиот суд посочил дека е изречена поради исклучително тешката и итна состојба на мигрантите на бродот.

По судската одлука, шпанската невладина организација соопшти дека нејзиниот брод сега се движи кон италијанскиот брег.

Набргу по пресудата на италијанскиот суд, Салвини изјави дека ќе продолжи да се спротивставува на влегувањето на хуманитарните бродови во италијанските пристаништа.