Папата Франциск изјави дека со неговата посета на Обединетите Арапски Емирати се испишува нова страница во историјата на дијалогот меѓу христијанството и исламот. Како што додаде Папата, една од целите на неговото патување била промовирање на глобален мир базиран на братство меѓу народите и религиите.

Во време, какво што е нашето, во кое постои големо искушение да се види конфликтот меѓу христијанската и исламската цивилизација, па дури и на религиите да се гледаат како извор на конфликти, сакавме да испратиме уште еден јасен и решителен сигнал дека средба е можна – изјави Папата пред верниците во Ватикан, опишувајќи ја првата посета на еден папа на Арапскиот Полуостров.

Додека престојуваше во Абу Даби, Папата потпиша документ со големиот имам на египетската џамија, Ал Азхар Ахмед ел Тајеб, во кој тие двајца го осудија декое религиозно мотивирано насилство.

Папата вчера одржа миса во Абу Даби на која присуствуваа околу 180.000 луѓе. Папата на службата говореше на италијански и на англиски јазик. Тој упати молитва за мигрантите и за завршување на конфликтите.

Дводневната посета на Абу Даби Папата ја искористи да ги осуди војните низ светот и ги повика христијаните и муслиманите на поголема соработка.