Ретка книга за Адолф Хитлер се верува дека го открива планот на нацистичкиот лидер за спроведување холокауст на Евреите во Северна Америка. Книгата е претставена од Националниот архив на Канада.

Таа е напишана на германски јазик, има 137 страници со наслов „Статистиката, медиумите и организациите на Евреите во САД и во Канада“. Книгата е откупена лани за 4.500 долари од Архивската библиотека на Канада и е претставена во средата како придонес кон Меѓународниот ден на Холокаустот кој се одбележува денес.

На книгата се изгравирани орел и свастиката и зборовите „Екс либрис Адолф Хитлер”, што открива дека таа била во личната библиотека на нацистичкиот лидер. Книгата е напишана од Хајнц Клос, германски лингвист, кој било на чело на одделот кој собирал податоци за националните прашања, особено во САД.

Клос престојувал во САД меѓу 1936 и 1937, и имал контакти со лица кои го поддржувале нацистичкиот режим.

Националниот архив на Канада соопшти дека со откупот на книгата се „зачувува сеќавањето на Холокаустот“ и помага „да размислуваме што би се случило доколку тоа се случеше во Канада за време на Втората светска војна“.

Повеќе од 6 милиони Евреи беа убиени од нацистите во периодот од 1941-1945 година.

Иако се смета дека заради географското растојание би било тешко да се спроведе Холокауст на Евреите во Северна Америка, сепак, деталните статистички податоци на еврејската популација таму, наведува кон тоа дека таква кошмарно сценарио, сепак, би било можно.