Претставници на племето Фулани, во централниот дел на Мали, соопштија дека бројот на загинатите во нападот изведен од милицијата на племето Догон се искачил на 115, а меѓу нив имало и бремени жени и деца. Абдул Азиз Диало, претседател на групата, соопшти дека бројката е откако ги примил деталните информации од локалните власти.

Во нападот е убиен и поглаварот на селото Огасагуа, заедно со неговите внуци.

Како што истакна локалниот градоначалник, Молаје Гуиндо, станува збор за етнички мотивиран напад.

Мажи облечени како ловци Донзо, го нападнаа селото во близина – изјави Гуиндо.

Тој дополни дека селото Огасагуа е целосно уништено.

Локалните власти соопштија дека се случил „масакр на цивили од заедницата Фулани“ и оти го извеле традиционални ловци од ривалската заедница, Догони. Фулани се номади кои се занимаваат со сточарство и трговија, додека, пак, Догони се познати како ловци, познати по верските ритуали и танцувањето под маски.

Догоните ги обвинуваат Фуланите дека ги поддржуваат џихадистите поврзани со терористичките групи на северот на земјата. Од своја страна, Фуланите ги обвинуваат Догоните дека ја поддржуваат војската на Мали.