Премиерот на Холандија, Марк Руте денеска изјави дека сите напори се насочени за пронаоѓање на „осомничениот или осомничените“ за нападот во Утрехт.

Нашата земја денеска е погодена од нападот во Утрехт. Полицијата и обвинителството утврдуваат што точно се случило. До сега знаеме дека е пукано врз луѓе во трамвај во Утрехт, при што има повредени, а можно е да има и загинати, истакна Руте.

Претходно, Градоначалникот на Утрехт, Јан ван Занен изјави дека при вооружениот напад во трамвајот загинале три лица, а деветмина се повредени.

Додека холандската полиција како главен осомничен за нападот го идентификува 37-годишниот Ѓукман Танис, роден во Турција.

Полицијата не ја исклучува можноста дека пукале неколку лица, како и дека станува збор за терористички напад.

Напаѓачот се уште не е уапсен. Припадници на антитерористичката единица опколија една зграда под претпоставка дека таму се крие напаѓачот.

Неколку часа по пукањето во трамвајот во Утрехт се слушнаа истрели на повеќе локации, како и во близина на џамијата.

Поради нападот во Утрехт затворени се муслиманските храмови, но и универзитетите и училиштата во другите холандски градови.