Под засилени мерки за безбедност, во Њујорк почнува судскиот процес против мексиканскиот нарко-бос, Хоакин Гузман, попознат како Ел Чапо. Тој цели 25 години беше на чело на најголемиот наркокартел во светот, но во 2017 година беше екстрадиран во САД, по две бегства од затвори во Мексико.

Според американските обвинители, Ел Чапо – кого го викаат „Малиот“ поради неговиот низок раст, е најмоќниот шверцер со дрога во историјата, по Колумбиецот Пабло Ескобар, кој беше убиен во 1993 година. Ако 61-годишниот Гузман биде проглесен за виновен, може да добие доживотна казна затвор.

Тој е обвинет дека од 1989 до 2014 година го водел картелот „Синалоа“, кој во САД внесол повеќе од 154 тони кокаин и огромни количини хероин, метамфетамини и марихуана во вредност од 14 милијарди долари.

Денеска, зад затворени врати ќе почне изборот на поротници чии имиња ќе се чуваат во тајност и ќе добијат обезбедување, каква што е праксата кога им се суди на опасни криминалци.


По процесот, кој се очекува да трае околу четири месеци, поротата ќе треба да одлучи дали собраните докази се доволни за Ел Чапо да биде обвинет по 11-те обвиненија против него, вклучувајќи и обвиненија за шверц и продажба на дрога, поседување огнено оружје и перење пари. Тој се изјасни дека е невин.

Ел Чапо не е обвинет за убиства, но обвинителите тврдат дека постојат докази дека тој нарачал да бидат убиени најмалку 37 лица.