„Боинг 737“ на „Етиопиан ерлајнс“ се урна непосредно по полетување од Адис Абеба при што загинаа 157 лица. Ова е втора несреќа на новата верзија на најпродаваниот авион на американската компанија со човечки жртви во последните пет месеци.
Авионот на летот ЕТ302 се урна неколку минути откако полета кон својата дестинација во Најроби (Кенија), соопшти во неделата најголемата африканска авио-компанија. „Боинг“ внимателно ја следи ситуацијата во врска со леталото „Макс 8“, кое на авиокомпанијата и беше испорачано во ноември.
Несреќата предизвика стравувања во врска со безбедноста на подобрениот тесен модел „737 Макс“. Авион од истиот тип на индонезиската компанија „Лајон ер“ се урна во Јаванското Море во близина на брегот на Индонезија на 29 октомври, кога загинаа 189 патници и членови на екипажот. Првите резултати од истрагата наведуваа на заклучок дека пилотите не можеле да ја вратат контролата врз леталото по дефект на опремата.
Новиот „Боинг“ со еден премин меѓу седиштата е обновена верзија на дизајнот на кој светската флота се засноваше 50 години, а во употреба е од мај 2017.
Податоците од црната кутија на авионот на „Лајон ер“ укажуваа на грешка во сензорот кој предупредува на опасност од запирање, поради што се активирал безбедносниот систем познат како Систем за зголемување на маневарските карактеристики.
Пилотите брзо реагирале со тоа што го притиснале прекинувачот за кревање на носот на авионот, а циклусот бил повторен дваесетина пати пред авионот дефинитивно да се урне.
За авионот:
Боинг 737 Макс е ново семејство авиони на компанијата Боинг. Новите модели се базирани на моделите „737 Следна генерација“ кои воедно и ќе ги заменат. Ова ќе биде четврта генерација на Боинг 737. Главната модификација во однос на претходната генерација е употреба на поголеми и поштедливи мотори CFM International LEAP-1B, додека помали промени се направени на крилата и други системи. Првата испорака на моделот 737 Макс била планирана за 2017 година кога се прославувало половина век од првиот лет на Боинг 737.
Првиот лет на новиот модел бил спроведен на 29 јануари 2016 година, точно 50 години по првиот лет на Боинг 737.
До крајот на декември 2016 година авио-компаниите нарачале повеќе од 3.600 летала од овој тип. Меѓу најголемите купувачи се Лајн ер (201), Саутвест ерлајнс (150), Норвиџан ер шатл (100) и Јунајтед ерлајнс (100).
Капацитет 126 (2 класи); 162 (2 класи); 180 (2 класи)
Должина 33,6 м; 39,5 м; 42,1 м
Распон на крила 35,9 м
Висина 12,5 м
Просечна брзина на летање 842 км/ч
Максимална полетна маса 72.303 кг; 82.191 кг; 88.314 кг
Долетување 6.208 км; 6.513 км; 6.513 км
Мотори (× 2) CFM Leap-1B
Пречник на роторот 176 см
Comments are closed for this post.