Стотина спасувачи ја продолжуваат потрагата по десетиците исчезнати во масовниот одрон на тлото, предизвикан од тајфунот Мангут, во кој загинаа 81 луѓе на Филипините.
Повеќето мртви и исчезнати се од северните области на Кордилера, вклучително и од најпогодената провинција Бенгет, каде поради одрон на земјиштето беше затрупано старото рударско место во Итогон.
Спасувачите со лопати и мотики копаат по калта во селото Укаб во општината Итогон, каде се случи најголемиот од петте одрони на земјиштето.
И натаму стојам на тоа дека тоа се „спасувачки операции“, бидејќи не сакаме да изгубиме надеж дека таму има уште преживеани – изјави претседателскиот советник за надгледување на операции за помош, Францис Толентино.
Повеќе од 236.000 жители се раселени поради тајфунот Мангут, најсилниот досега на Филипините оваа година, што направи и штета во земјоделството од 270 милиони долари, соопшти Националната комисија за катастрофи.
Филипините во просек ги погодуваат 20 циклони секоја година, предизвикувајќи поплави, одрони на тлото и други несреќи.
Најсилниот тајфун во блиската историја беше тајфунот Хаијан, кој ја погоди земјата во ноември 2013 година, при што загинаа 6.300 лица, и беа раселени повеќе од четири милиони.
Comments are closed for this post.