Европскиот парламент денеска усвои Резолуција за политичките односи меѓу ЕУ и Русија, со која, меѓу другото, се бара и запирање на изградбата на гасоводот „Северен поток 2“.

Резолуцијата предвидува и можност за проширување на санкциите кон руски граѓани, ограничување на пристапот на Русија до финансии и технологии, како и можност Русија повеќе да не биде сметана за стратешки партнер на ЕУ.

Резолуцијата е усвоена со 402 гласови „за“, 163 „против” и 89 „воздржани“.

Во документот, претставен од летонската европратеничка Сандра Калниете, се наведува дела „ЕУ е должна да биде подготвена за воведување дополнителни санкции, вклучително и санкции кон поединци и ограничен пристап до финансии и технологии, доколку Русија продолжи да го крши меѓународното право“.

Резолуцијата повикува и на можност за забрана за издавање визи и блокирање на смети и имоти на руски државјани на територијата на ЕУ.

Посебен дел во Резолуцијата е посветен на гасоводот „Северен поток 2“ за кој се оценува дека ќе ја зголеми зависноста на ЕУ од руски гас, дека го загрозува внатрешниот пазар на ЕУ и дека не е во согласност со енергетската политика и стратешките интерси на Унијата, поради што неговата изградба треба да биде запрена.

Со Резолуцијата се оценува дека „во сегашни услови Русија попвеќе не може да се смета за стратешки партнер“ на ЕУ, бидејќи повеќе не се почитуваат одредбите од договорот за партнерство и соработка, поради што тој треба да биде преразгледан.

Резолуцијата ги повикува земјите членки на ЕУ на „понатамошна координација и усогласување“ на нивните надворешни полкитики кон Русија.

Во документот се заклучува дека ЕУ како и досега е отворена за зајакнување на односите и дијалогот со Русија и дека би сакала обнова на поранешната сорабока со Москва, доколку руските власти ги исполнуваат своите правни и меѓународни обврски.

Актуелните несогласувања и конфронарции меѓу ЕУ и Русија не се во интерес на ниту една од двете страни, па затоа каналите за врска треба да останат отворени и покрај разочарувачките резултати, бидејќи новите поделби на континентот ги загрозуваат безбедноста и на ЕУ и на Русија, се заклучува во Резолуцијата.