Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека Европа нема да биде обединета без државите од Западен Балкан. Меркел ова го изјави по средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан во унгарското градче Шопрон, каде обајцата ја одбележаа 30-годишнината од отворањето на границата меѓу Австрија и Унгарија, што се смета за почеток на крајот на Студената војна.
Благодарни сме за настаните од пред 30 години, што доведоа до обединување на Германија и на цела Европа, изјави Меркел во Шопрон.
Таму во 1989 година, во близина на австриската граница, се одржа т.н. Паневропски пикник, што се смета за предвесник на политичките промени во Европа. Токму европското обединување беше една од темите на денешните разговори меѓу Меркел и Орбан.
Не само Унгарија, туку и Германија е на мислење дека европската интеграција на државите од Западен Балкан е важна. Ако ја погледнеме географската карта, а и од геостратешка перспектива, без тие држави, Европа не може да е обединета, изјави Меркел на прес-конференцијата со Орбан.
Орбан ги пофали активностите на Меркел како обединувач на Европа и подвлече дека унгарскиот народ има многу високо мислење за неа.
Шопрон е пример за тоа што можат да направат Европејците кога храбро опстојуваат на вредностите, што сите ние ги споделуваме. Секогаш треба да водиме сметка дека нашата национална благосостојба секогаш ќе зависи од нашата заедничка европска благосостојба. Паѓањето на Железната завеса во Унгарија го отвори патот за обединувањето на Германија. Ние исто така знаеме дека нашето ослободување од советскиот јарем немаше да биде целосно без обединета Германија, изјави Орбан.
Comments are closed for this post.