Европската Унија пред самитот во Брисел соопшти дека е подготвена за 12 месеци да го прошири преодниот период по излегувањето на Велика Британија од ЕУ за преговарачите од двете страни да добијат повеќе време за понаоѓање решенија за границата на ирскиот остров, главна точка на несогласување во преговорите.

Преговорите заглавија во однос на прашањето за границата на ирскиот остров, која ќе биде единствената копнена граница помеѓу ЕУ и Велика Британија. ЕУ инсистира на т.н. заштитен механизам или осигурувач дека нема да има воспоставување физичка граница, која би можеле да го загрози мировниот процес во Северна Ирска.

Ова решение подразбира Северна Ирска да остане во царинската унија сѐ додека не се пронајде друго прифатливо решение. Лондон ова го смета за неприфатливо, бидејќи го загрозува суверенитетот на Велика Британија и утврдувањето на царински контроли меѓу Северна Ирска и остатокот од земјата.

фото: AP

Верувам дека сите што се на масата сакаат да се постигне договор и со интензивно работење можеме да го постигнеме тој договор. Верувам дека договорот е можен и сега е време да се случи тоа, рече Меј во Брисел, пред разговорите со нејзините 27 колеги од ЕУ.

Има повеќе разлики во врска со прашањето за границата на Северна Ирска. Доколку интензивно работиме заедно, верувам дека можеме да ги решиме овие прашања, додаде таа, истакнувајќи дека „значителен” напредок е постигнат во последниве недели.

Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва изјави дека на разговорите за брегзит доаѓа со две пораки: порака за доверба и итност.

Довербата е тука бидејќи постигнавме напредок во преговорите, се уште не сме стигнале до крајот и сега е момент кога треба да се донесе одлука. Што се однесува на итноста, мислам дека е важно да се најде договор за повлекување, за да можеме да размислиме за иднината на односите,  порача Макрон по доаѓањето на самитот на ЕУ во Брисел.

фото: AP

Позначителен успех во преговорите ниту по многу месеци разговори сѐ уште не ни појде од рака. Меѓутоа, шансите за решение коешто е убедливо за двете страни сѐ уште постојат, изјави канцеларката Ангела Меркел во обраќањето во германскиот Бундестаг неколку часа пред самитот на Европската унија во Брисел на кој треба да се решава за модалитетите на истапувањето на Велика Британија од ЕУ.