Велика Британија има право еднострано да ја прекине постапката за истапување од Европската унија, изјави главниот адвокат на Европскиот суд на правдата, Кампос Санчез-Бордона.
Според него, Судот на ЕУ треба да донесе одлука дека Членот 50 на Договорот за Унијата дозволува еднострано повлекување на одлуката за намерата за напуштање на блокот.
Ставот на главниот адвокат не е обврзувачки за Судот, но вообичаено судиите при носењето на конечната одлука го земаат предвид неговото мислење.
Европскиот суд на правдата, чие седиште е во Луксембург, треба да се изјасни по ова прашање во наредниов период, врз основа на иницијативата на група противници на Брегзитот, кои се залагаат за одржување втор референдум за истапување на Велика Британија од Унијата.
Судот треба да се произнесе по барањето пред истапувањето на Велика Британија од ЕУ, кое е предвидено за 29 март 2019 година.
Изјавата на Санчез-Боргона доаѓа во пресрет на почетокот на петдневната дебата во британскиот Парламент за Договорот за Брегзит, постигнат меѓу Лондон и Брисел.
Гласањето на пратениците во Долниот дом на Парламентот по Договорот е предвидено за 11 декември.
Comments are closed for this post.