Тајните архиви на папата Пије Дванаесетти ќе се отворат на 2 март следната година, со што историчарите ќе имаат пристап до документите од владеењето на најконтроверзниот папа на 20 век.
И додека светските историчари веќе ги подготвуваат тефтерите во кои ќе ги запишат деловите од документите на папата во кои се објаснува неговата улога во Холокаустот, во Хрватска и регионот најверојатно ќе биде интересна неговата улога во поствоеното спасување на воените злосторници, објави загребскиот портал Индекс.
Папата Пије Дванаесетти е најпознат по конкордатот помеѓу Ватикан и нацистичка Германија потпишан во 1933 година помеѓу Светата столица и Рајхот, што беше договорен додека тој се уште беше нунциј (амбасадор во Германија). Со договорот се гарантираа правата на Католичката црква, а за возврат католиците се обврзаа да не им приговараат премногу на нацистите.
Кога пред почетокот на Втората светска војна стана папа, Пије Дванаесетти повеќе предупредуваше на комунизмот отколку на нацизмот, но молчеше за Холокаустот.
Во архивата има околу 150.000 документи кои треба да дадат одговор на прашењето – Дали папата знаел за Холокаустот?
Тешко дека не знаел. Ватикан со векови има извонредна разузнавачка служба и тешко дека не знаел за масакрот на шест милиони луѓе. Се наметнува и уште поважното прашање: Зошто поглаварот на Католичката црква не реагираше?, наведува Индекс.
Преку „тунелот на глувците“ кој поминуваше низ Ватикан од правдата побегнаа нацистите и усташките лидери. Се претпоставува дека папата Пије Дванаесетти знаел за организацијата на бегствата на нацистите.
Пије Дванаесетти роден е како Еугенио Марија Џузепе Џовани Пачели на 2 март 1876 година, на ист ден кога во 1939 година е избран за папа, а на ист ден во 2020 година неговата архива ќе биде достапна за јавноста.
Comments are closed for this post.