Хидроцентралата „Трите кањони“ во Кина, со браната на реката Јангценгјанг, е со најголема инсталирана сила на светот, пишува српски Курир.

„Трите кањони“ се поврзани со енергетската мрежа во 2012 година, со што хидроцентралата конечно била завршена.

Нејзината изградба била започната во 1994 година, а чинела околу 50 милијарди американски долари.

Освен огромниот хидроенергетски потенцијал, хидроцентралата „Трите кањони“ ја намалува појавата на чести поплави и ја зголемува можноста за превоз на стока.

Значаен е и еколошкиот придонес заради намалувањето на ефектот на стаклена градина. Предност на проектот е и наводнувањето на околното земјоделско земјиште.

Иако многумина во Кина ја сметаат хидроцентралата за неопходна за развојот на стопанството, многу експерти сметаат дека негативните ефекти на проектот би можеле да ги надминат неговите позитивни придобивки.

Заради нејзината изградба поплавени се 13 градови, 140 гратчиња и 1.600 села, а иселени се околу 1,3 милиони луѓе.

Исто така, заради промената на текот на водата, односно создавањето на огромен резервоар, што покрива 1.045 квадратни килемтри, и подигањето на големо количество вода на максимални 175 метри над морското ниво, оваа брана, според податоците на Американската агенција за истражување на вселената, буквално ја забавила ротацијата на Земјата и го продолжила просечно денот за 0,06 микросекунди.