Кина го обвини американскиот државен секретар Мајк Помпео дека ја „клеветел“ внатрешната и надворешната политика на официјален Пекинг со своето соопштение во кое ја критикуваше реакцијата на кинеските власти на протестите на плоштадот Тјенанмен во 1989 година.
Портпаролот на кинеската Влада порача дека изјавата на Помпео претставува мешање во внатрешнитре работи на Кина, дека е навреда за кинескиот народ и оти го крши меѓународното право.
Во своето соопштение, Помпео ги поздрави демонстрантите кои на денешен ден, пред 30 години, почнаа демонстрации на Тјенанмен, кои кинеските власти ги задушија. Тој побара Кина во целост да обелодени колку луѓе се убиени за време на интервенцијата на централниот плоштад во Пекинг.
На 4 јуни 1989 година на плоштадот Тјенанмен се случија протести, кои подоцна беа опишувани и како Тјенанменски масакр. Непосреден повод за демонстрациите беше смртта на поранешниот генерален секретар на Комунистичката партија на Кина, Ху Јаобанг. Тој, поради своето залагање за демократизација во земјата во јануари 1987 година беше принуден да поднесе оставка на функцијата генерален секретар. Ненадејната смрт на Ху беа повод за организирање на студентите од универзитетите во Пекинг и барање партијата да го промени официјалниот став за него. Во периодот од 15 април до 4 јуни беа организирани серија демонстрации во сите поголеми градови на Кина, со барање за демократски реформи.
Задушувањето на протестите започна ноќта на 3 јуни и до рано изутрината кинеската војска успеа да ги истера демонстрантите од плоштадот Тјенанмен. Акцијата на војската резултираше со многу убиени и повредени цивили. Бројот на жртвите се движи од 200-300, според податоците на кинеската Влада, додека според кинеските студентски организации и Кинескиот Црвен крст на денешен ден, пред 30 години, убиени се меѓу 2.000 до 3.000 лица.
Comments are closed for this post.