Севернокорејскиот претседател Ким Џонг-ун се наоѓа во официјална посета на Кина на покана на кинескиот претседател, Си Џинпинг.

Како што објавија кинеските државни медиуми, Ким ќе престојува во Кина до 10 јануари, а тоа е негов четврти состанок со претседателот Си во изминатата година.

Само минатата година, Ким трипати патуваше во Кина, пред и по состаноците со американскиот претседател Доналд Трамп, како и со претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин.

Во придружба на севернокорејскиот лидер е и неговата сопруга, Ри Сол Џу, министерот за надворешни работи, Ри Џон Хо и други високи претставници на Северна Кореја.

Јужнокорејските медиуми вчера објавија дека севернокорејскиот воз, во кој е најверојатно висок официјален претставник од таа земја, ја преминал границата со Кина, додека јапонски медиуми јавија дека на гостите во хотел во кинескиот град Дандонг, кој се наоѓа во близина на севернокорејската граница, а чии соби гледаат кон пругата, им било забрането да останат во просториите во моментот кога поминувал возот.