За само неколку секунди огромен станбен блок изграден во 1970 година се урна и се претвори во купишта урнатини во германскиот град Дуизбург.

„Белиот гигант“, како што го викаа облакодерот, беше срамнет со земја денес точно напладне, како на филм. Урнат е со 290 килограми пластичен експлозив.

Заедно со детонацијата целиот комплекс за миг се претвора во прашина и урнатини кои паѓаат на куп. Она што остана на крај како резултат на контролираната експлозија се 48 илјади тони урнатини.

Падна, а и мораше да биде урнат. Ова беше голем товар на моите плеќи“ – изјави инженерот Бернд Заум, задолжен за уривањето.

Како мерки на претпазливост околу 2.500 жители од околината морале да бидат евакуирани. Зградата имала 22 ката и дури 320 станови. Таа повеќе години била празна, жителите биле иселени, а уривањето на тој облакодер е дел од серијата мерки кои градот ги презема за надградба на областа Хохејде.

Наскоро треба да бидат срамнети со земја уште три облакодери, а за градските власти во Скопје поучно е да прочитаат дека на местото на урнатата зграда нема да никне нова, туку ќе се формира парк.

Некогаш беше престиж да се живее во тие облакодери со големи апартмани и убав панорамски поглед. Но, како минуваа годините, луѓето ги менуваа навиките, а облакодерот кој денес беше урнат беше комплетно испразнет уште во 2003 година.