Во Мадрид е уапсен 26-годишен маж под обвинение за убиство и канибализам. Според полицијата, Шпанецот признал дека ја убил својата мајка, а потоа ја пресекол на парчиња. Тој ја јадел и со нејзините делови го хранел и кучето.

Во фрижидерот на обвинетиот се пронајдени пластични контејнери „тапервер“ со остатоците на неговата мајка. Еден од истражителите кога го видел тоа бил толку шокиран што му се слошило.

За случајот се дозна откако еден пријател на убиената пријавил во полиција дека цел месец не ја видел Марија Соледад Гомез (66) иако таа живеела според редовни навики. Секој ден купувала весник и пиела и јадела во еден тапас во близина. Пријателот не можел да поверува што и се случило.

Полицијата потоа направила претрес на станот при што го открила грозоморниот случај на убиство и на канибализам. Нејзиниот син Алберто, како што сведочеле соседите, ја малтретирал мајка си. Имало најмалку 12 пријави од нејзина страна до полицијата за однесувањето на нејзиниот син. Таа била вдовица – сопругот и починал пред 15 години.

Нејзиниот син Алберто студирал и бил познат како осаменик кој кучето го шетал со црн шлем на главата. Тој денес е изведен пред истражен судија.