Италијанската влада ќе воведе забрана за купување во големите трговски центри во недела. Забраната треба да стапи на сила пред крајот на годинава, а како што појасни потпретседателот на владата, Луиџи Ди Мајо, рестрикции ќе имаат за цел да помогнат во одбрана на фамилијарните вредности.

Можноста за трговија во трговските центри во недела беше либерализирана во 2012 година, од тогашниот премиер, Марио Монти, во обид да поттикне економски развој за време на економската криза. Сепак, од тогаш наваму, сопствениците на малите дуќани се обидуваа да ја поништат таквата одлука на Монти, со аргументи дека нивните бизниси се соочуваат со нелојална конкуренција од големите трговски центри.

Силен притисок за повлекување на одлуката за либерализација на работното време доаѓаше и од Римската Католичка Црква, од каде стојат на ставот дека земјата мора да ја зачува традицијата за еден слободен ден во неделата.

Либерализацијата ги уништува италијанските семејства. Мораме повторно да го ограничиме работното време во коешто продавниците ќе може да бидат отворени – изјави Ди Мајо.

Претходно годинава, рестрикции за шопинг во недела воведе и конзервативната влада во Полска, со образложение дека тоа е повеќе во склад со вредностите на Католичката црква.

Ваквите иницијативи на итачијанската и на полската влада оди во спротивност на трендот за либерализација на работното време во недела што се повеќе ја зафаќа Европа како одговор на се поголемото ниво на купување преку интернет.