Договорот за Брегзит, кој го предлага британската премиерка Тереза Меј, потенцијално може да доведе до распад на Обединеното кралство, бидејќи сугерира различен став кон Северна Ирска. Тоа го изјави пратеникот од Демократската унионистичка партија на Северна Ирска, Џефри Доналдсон.

Тој е еден од десетте пратеници, кои го обезбедуваат парламентарното мнозинство на Владата на Меј.

Доналдсон вели дека не се плаши од нови избори, ако гласањето за договорот на Меј во Парламентот доведе до таква неопходност.

Тоа, што го видовме и чувме, не нè убедува дека тоа е најдобриот договор. Тој договор потенцијално може да доведе до распаѓање на Обединеното кралство, а ние не можем да го поддржиме тоа, изјави Доналдсон.

На седницата на британската Влада денеска ќе се дискутира за нацрт-договорот меѓу Лондон и ЕУ. Најмногу контроверзии предизвика прашањето за границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска, која е дел од Обединетото Кралство. Ирските унионисти одамна велат дека нема да прифатат на таа граница да има царински режим различен од останатиот дел од кралството.