Поранешната советничка за национална безбедност на САД, Дина Пауел, е најголем кандидат за позицијата нов американски амбасадор во Обединетите Нации. Пауел (45) на та позиција ќе ја замени Ники Хејли, којашто поднесе оставка на функцијата, но ќе остане на должност до крајот на годината.
Со ваквата најава, американскиот претседател, Доналд Трамп, ги отфрли шпекулацииите дака за таа функција ја планира неговата ќерка, Иванка, иако, како што изјави, знае дека таа би била „неверојатна во таа улога“, но во таков случај би бил обвинет за непотизам.
Пауел беше заменик советник за национална безбедност на Трамп во првата година од неговиот претседателски мандат. Претходно таа била вработена во банката „Голдман Сакс“, каде се врати и по напуштањето на Белата куќа. Пауел беше и висок функционер во Стејт департментот во време на поранешниот американски претседател Џорџ Буш Помладиот.
Објавувајќи ја оставката, 46-годишната Хејли изјави дека сака да се одмори малку и оти во овој момент нема планови за иден ангажман. Таа ги демантираше гласините дека планира да се кандидира за претседател на САД на изборите во 2020 година.
Трамп ја прифати оставката на Хејли и ја пофали нејзината работа, велејќи дека функцијата ја извршувала „извонредно“. Тој рече дека таа е „многу посебна“ личност која ги „разбира работите“ и оти заедно решиле многу проблеми. Американскиот претседател порача дека Хејли може да се врати во Администрацијата во друга улога и оти „може да избира“ што сака да работи.
Хејли, која е поранешна гувернерка на Јужна Каролина, беше именувана за амбасадорка во Светската организација набрзо по инаугурацијата на Трамп, во ноември 2016 година.
Comments are closed for this post.