Шефот на турската дипломатија, Мевљут Чавушоглу, изјави дека е неопходна координација за целосно да се победи Исламската држава во Сирија.
Во вчерашното обраќање во Вашингтон на состанокот со претставниците од Коалицијата во борба против ИД, во која учествуваат 79 држави, Чавушоглу порача дека елиминирањето на терористичката група ИД и повлекувањето на американските сили од тој регион би требало да се спроведат координирано.
Чавушоглу ги повика другите земји да ги направат потребните напори за да го спречат повторното оживување на терористичката организација ИД.
Многу е важно да се избегне вакуум на моќта, кој терористите би можеле да го искористат за да го поткопаат територијалниот интегритет на Сирија и националната безбедност на соседите, рече Чавушоглу.
Турскиот министер истакна дека ИД е поразена во Ирак, напоменувајќи дека ќе ја доживее истата судбина во Сирија.
Сега е важно да се спречи повторното оживување на ИД и да помогнеме во стабилизирањето на овие земји. Треба ефикасно да се разгледаат причините за настанувањето на ова чудовиште и да се избегне повторување на грешките од минатото, рече турскиот министер за надворешни работи.
Чавушоглу истакна дека напорите за обнова на Ирак и, како што рече, „враќањето на ирачкиот идентитет во инклузивен политички систем“ се многу важни за стабилизацијата на целата земја.
Ставајќи ги своите војници во ризик во борбата против тероризмот во Сирија и олеснувајќи го враќањето на стотици илјади бегалци во ослободените области, Турција е подготвена да стори сé што е во нејзина моќ за да помогне во стабилизирањето на Ирак и Сирија, наведе Чавушоглу.
Comments are closed for this post.