Поранешниот британски премиер, Тони Блер смета дека Велика Британија и Европската унија треба да се подготвуваат за втор референдум за Брегзит, бидејќи Парламентот во Лондон најверојатно нема да го одобри Договорот за истапување на земјата од ЕУ што го постигна британската премиерка Тереза Меј со Брисел.
Ако Парламентот не може да донесе одлука за судбината на Велика Британија, пратениците таквото решение треба да му го препуштат на британскиот народ, се наведува во говорот што Блер ќе го оддржи денеска на настан во Лондон.
Во говорот, кој предвреме им беше поделен на медиумите, Блер бара од лидерите на ЕУ да ја реформираат Унијата со цел Велика Британија да биде стимулирана да остане членка на блокот.
Сега е време за подготовка. Парламентот треба разумно да ги разгледа можностите една по една и да се договори за една од нив или да распише нов референдум. Европа од друга стана треба да гарантира дека ако Велика Британија ја промени својата позиција, дека и таа ќе биде подготвена да ја преиспита својата, се наведува во објавениот говор на Блер.
Според него, со преземањето реформи на ЕУ, политичките раководства на Унијата и на Велика Британија ќе покажат дека ги сфатиле основните стравувања на Британците што гласаа за Брегзит.
Британскиот Парламент во вторникот требаше да се изјасни за договорот за Брегзит, што минатиот месец го постигнаа Лондон и Брисел. Меѓутоа во понеделникот, премиерката Меј, соочена со фактот дека најверојатно договорот нема да биде поддржан од Парламентот, го одложи гласањето. Според последните најави од Даунинг стрит, гласањето по договорот најверојатно ќе се одржи на 21 јануари.
По одлагањето на гласањето, Меј отпатува во Хаг и Берлин, а потоа и на средби со претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет, Жан-Клод Јункер и Доналд Туск, со цел да ги убеди европските лидери на преразгледување на содржината на постигнатиот договор, за да обезбеди доволен број гласови во Парламентот во Вестминстер за негово одобрување.
На маргините на Самитот на ЕУ што вчера и денеска се одржува во Брисел, Меј оддржа серија средби со лидерите на земјите членки на Унијата со цел да обезбеди поддршка за нејзините барања. Последна во низата средби беше нејзиниот разговор што утрово го одржа со францускиот претседател Емануел Макрон.
Наспроти инсистирањето на Меј за преразгледување на договорот, мнозинството лидери на Унијата истакнаа дека не може да стане збор за нови преговори за тексто, туку само за прецизирање и појаснување на неговата содржина.
Comments are closed for this post.