Главниот преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние, изјави дека Велика Британија може да остане во ЕУ доколку го сака тоа.
Говорејќи во Европскиот парламент, Барние нагласи дека се е можно до 11 април, еден ден пред рокот до кога лидерите на ЕУ го одложија Брегзит, доколку британскиот Долен дом не го усвои Договорот за британското истапување од Унијата.
Никој во Брисел не се обидува да им го украде Брегзит (на Британците), никој не се обидува да го поништи гласањето на британскиот народ. Меѓутоа, не беше Брисел тој што одлучи дека Велика Британија треба да ја напушти ЕУ, изјави Барние.
Според него, Британците сами избраа да ја напуштат Унијата и мора сами да се соочат со последиците од таквата одлука.
Барние нагласи дека Велика Британија треба самата да реши по кој пат ќе оди и што сака за својата иднина, па затоа мора да преземе одговорност за тоа и на крајот да ги сноси последиците од одлуките што ги носи.
Велика Британија сака да ја напушти ЕУ, што значи дека сака да ја напушти царинската унија и единствениот пазар, и ќе го сноси последиците од тоа, потенцира Барние, потсетувајќи при тоа на изјавата на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск дека Лондон може да остане во Унијата доколку сака.
Британската премиерка Тереза Меј минатата недела побара од лидерите на ЕУ одлагање на Брегзит до 30 јуни, кој првично беше предвиден за 29 март. Но, тие го условија одлагањето на Брегзит до 22 мај, доколку Парламентот во Лондон го прифати Договорот за британското истапување од ЕУ. Доколку, пак, Парламентот не го прифати документот, според одлуката на Самитот на ЕУ, Велика Британија ќе мора да ја напушти Унијата на 12 април без договор.
Comments are closed for this post.