Новоизбраниот претседател на САД, Џозеф Бајден денеска ќе положи заклетва во Вашингтон и официјално ќе стане 46-ти претседател на таа држава.
Церемонијата на инаугурацијата наречена „Обединета Америка“ нема да биде како претходните инаугурации, бидејќи организаторите и локалните власти во Вашингтон ги повикаа Американците да не доаѓаат, туку да ја следат церемонијата преку интернет во своите домови.
Безбедноста во Вашингтон ќе биде зајакната додека Пентагон објави дека ќе испрати најмалку 20.000 војници на Националната гарда.
Во текот на утрото на 20 јануари, Бајден ќе присуствува на миса во катедралата Сент Метју во Вашингтон. Тој ги покани демократите Ненси Пелоси и Чак Шумер, како и републиканците Кевин Мекарти и Мич Меконел да бидат со него на мисата.
Избраниот претседател потоа ќе маршира со конвој до Капитол Хил каде што започнува церемонијата на инаугурација во 11 часот по локално време (17 часот по средноевропско време) на големиот подиум поставен спроти Националниот трговски центар.
Националната химна ќе ја пее поп-sвездата Лејди Гага на скалите на Капитол Хил, а пејачката Џенифер Лопез ќе одржи „музички перформанс“, според организацискиот одбор.
Бајден и потпретседателката Камала Харис ќе положат заклетва во 12:00 часот, потоа претседателот ќе го одржи својот инаугуративен говор во кој треба да ја потврди својата визија за желбата да се победи пандемијата, подобро да се реконструира, обедини и да се лекува нацијата, според организацискиот комитет.
Во раните попладневни часови, Бајден ќе замине на Националните гробишта во Арлингтон близу Вашингтон за да положи венец на гробот на Незнајниот херој заедно со поранешните американски претседатели Барак Обама, Џорџ В. Буш и Бил Клинтон и нивните сопруги. Тој ќе се врати со конвој во Вашингтон.
Конвојот треба да запре на неколку десетици метри од Белата куќа за да му се дозволи на Бајден да влезе пеш опкружен со воена придружба. Тој таму ќе ги потпише првите претседателски укази попладнето.
Вечерта по локално време Бајден и Камала Харис ќе и се обратат на нацијата за време на специјалното шоу на кое домаќин е актерот Том Хенкс. Специјалната емисија „Celebrating America“ ќе се емитува од 20.30 до 22.00 часот по локално време на каналите ABC, CBS, NBC, CNN и MSNBC, како и на YouTube.
Меѓу гостите на Хенкс ќе бидат Џон Бон Џови, Џастин Тимберлејк и Деми Ловато.
Претседателот во заминување Доналд Трамп најави дека нема да присуствува на инаугурацијата. Поранешниот претседател на САД, демократот Џими Картер (96), нема да биде присутен на свечената заклетва поради возраста.
Comments are closed for this post.