Израел утринава изврши силни воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут, кои се под контрола на Хезболах, откако групата поддржана од Иран лансираше ракети и беспилотни летала кон Израел. Нападот на Хезболах дојде како одмазда за атентатот врз врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, пишува „Гардијан“.

Жителите на Бејрут беа разбудени во 3 часот утрово од десетици експлозии додека Израел гаѓаше три различни локации во јужните предградија на главниот град. Детонациите ги тресеа прозорците низ градот и се слушаа на километри.

Во ноќешните израелски напади врз Либан загинаа 31 лице, а 149 се ранети, објавија француските медиуми, повикувајќи се на податоци од либанското Министерство.

Истовремено, жителите на јужен Либан пријавија прелетувања на воени авиони и фрлање бомби во напади во поширока област од југот на земјата, за време на кои беа урнати згради во селата во близина на градот Тир.

Хезболах соопшти дека околу полноќ лансирал бараж од ракети и беспилотни летала врз објектот за противракетна одбрана Мишмар ал-Кармел во близина на Хаифа. Оттаму изјавија дека тоа е „одмазда“ за убиството на Хамнеи и дека дејствуваат „во одбрана на Либан и неговиот народ“.

Израелскиот одговор следеше само неколку часа подоцна. Армијата објави дека ги гаѓала целите на Хезболах низ целиот јужен Либан, во долината Бека и во предградието Дахие во Бејрут. ИДФ потврди дека неколку високи офицери на Хезболах се убиени во нападите врз Дахие.

„Хезболах вечерва започна кампања против Израел и сноси целосна одговорност за каква било ескалација. Секој непријател што ја загрозува нашата безбедност ќе плати висока цена“, рече началникот на израелската армија, генерал-потполковник Ејал Замир, во соопштение за медиумите.

Израелската армија издаде наредби за евакуација за 55 села и градови низ Либан, повикувајќи ги жителите да останат најмалку 1.000 метри од тие области бидејќи се во близина на „оперативци и објекти на Хезболах“.

ИДФ вчера објави мобилизација на 100.000 резервисти, од кои многу се распоредени по границата со Либан.

По нападот, реки од луѓе почнаа да бегаат од Дахие, со автомобили и пеш. Редови од возила се формираа пред бензинските пумпи во јужниот град Тир, додека жителите се упатуваа кон север. Автопатите што водат од Дахие до центарот на Бејрут беа преполни со скутери и автомобили што се движеа преку урнатините од нападот. На југ, луѓето возеа во двата правци на автопатот за да избегнат сообраќајни метежи