Ракометарите на ГРК Охрид ја постигнаа и седмата победа сезонава во ЕХФ Европскиот куп откако попладнево во Атина го победија Олимпијакос во првиот четвртфинален натпревар со 31:26. Македонскиот претставник има максимален ефект во европскиот куп и седум победи од седум натпревари.

Ракометарите на ГРК Охрид од самиот почеток покажаа дека се подготвени за триумф и имаа целосна контрола над резултатот. Домаќинот Олимпијакос немаше ниту еднаш позитива и дуелот само три пати беше нерешен (1:1; 3:3 и 4:4). Охриѓани потоа ја зголемуваа предноста и во финишот на првиот дел имаа и +6 (14:8), а на полувреме беше 15:10 за македонскиот претставник.

Во вториот дел предноста на ГРК Охрид најчесто изнесуваше четири разлика, а свои моменти имаше и голманот Кристијан Пилиповиќ, кој го беше најпотребно имаше одбрани. Нападот функционираше и кога и да беше потребно, некој од составот на тренерот Ројевиќ нападот го завршуваше со гол, а Олимпијакос во неколку наврати намали на три разлика.

Најефикасен кај ГРК Охрид беше грчкиот репрезентативец Николаос Лиапис со 7 голови, а голманот Пилиповиќ имаше 15 одбрани. Најефикасен на дуелот беше Савас Савас од Олимпијакос со 14 голови.

Реваншот се игра на 4.април во СЦ „Билјанини извори“ со почеток во 18 часот.