Европската ракометна федерација во вторник ги предаде сите релевантни информации што ги поседува на своите правни тела и побара покренување на судски постапки против клубовите РК Алкалоид и АЕК Атина.

Овој чекор беше преземен откако реваншот од финалето на Европскиот куп за мажи на ЕХФ помеѓу двата клуба во недела, 25 мај, беше откажан.

Информациите што ЕХФ ги достави до судските тела, меѓу другото, се однесуваат на дистрибуцијата на билети на гостинските навивачи од страна на РК Алкалоид во пресрет на натпреварот, како и на одбивањето на АЕК Атина да влезе на теренот за почетокот на натпреварот.

Од двата клуба е побарано да ги достават своите изјави, односно информации од нивна страна, за да бидат разгледани од судските тела.

Понатамошна комуникација ќе биде обезбедена само откако ќе се донесе  одлука, информира ЕХФ.