Втора година по ред, околу Антоан Гризман се формира сага, поврзана со неговиот евентуален трансфер во Барселона. Минатото лето напаѓачот долго време ги држеше во неизвесност Каталонците и конечно потпиша нов договор со Атлетико Мадрид. Иако се почувствуваа засегнати, од „Камп Ноу” повторно се подготвени да го привлечат францускиот ас, а според некои медиуми, тој веќе се согласил да премине во Барса.
„Не сум загрижен воопшто. Гризман е нашиот капитен и е многу важен за тимот. Не сум во неговата глава, за да знам што мисли, но тој има договор за уште 4 години и постојано напредува тука во Атлетико“, прокоментира тренерот Диего Симеоне.
Во однос на заменик за Диего Годин, кој другата сезона ќе игра за Интер, тој изјави дека тимот работи на изнаоѓање на вистинска личност, која ќе им помогне на „јорганџиите” да продолжат во вистинската насока.
„Имаме неколку опции, но нема да именуваме конкретни имиња. Сакаме да привлечеме играч со истите карактеристики, но тоа не е лесно. Важно е да се види што ќе се случи со дефанзивците, а тоа е најтешката работа за мене. Ако имате добри изведувачи на овој пост, тоа е одлично, но во спротивен случај имате многу проблеми“, рече Чоло.
Атлетико е на второто место во Ла Лига два круга пред крајот на сезоната. Дури и нерешено во домашниот натпревар денеска со Севиља ќе му загарантира на тимот од Мадрид дека ќе завршат пред градскиот ривал – Реал.
Comments are closed for this post.