Екипата на Торонто репторс го победи актуелниот НБА шампион Голден Стејт вориорс со 118-109, со што поведе со 1:0 во триумфи во финалето на НБА лигата. Кошаркарите на канадската екипа го искористија домашниот терен и еуфоријата на навивачите предизвикана од првото појавување на клубот во финалето на најсилната кошаркарска лига на светот и беа подобар противник во текот на целиот натпревар.

Предводник на Торонто на овој мече беше Паскал Сиакам, кој средбата ја заврши со 32 поени, осум скокови и пет асистенции, погоди 14 од 17 шутеви од поле, а во второто полувреме, во еден период реализира 11 последователни кошеви за својата екипа. Покрај него, одлична партија пружија и Кавај Леонард со 23 поени, осум скокови и пет асистенции и Марк Гасол со 20 поени и седум скокови.

Кари првиот играч кој промашил 100 тројки во НБА финалето

Во редовите на актуелните шампиони, најдобар беше Стеф Кари со 34 поени, пет скокови и пет асистенции, но забележа и еден негативен рекорд. Со утнати пет од девет шутеви за три поени, Кари стана првиот кошаркар во историјата што утнал 100 шутеви во финалните серии на НБА лигата.

Лоша вест за Голден Стејт е и повредата на Андре Игудала, кој на нешто помалку од две минути до крајот незгодно доскокна и почувствува болка во левата нога во пределот на задната ложа. Игудала го напушти теренот и не се врати во игра.