Љубителите на фудбалот во Белград и особено навивачите на Црвена звезда имаа можност да посведочат на вечер што долго ќе ја паметат. Црвена звезда го победи вицешампионот на Европа, Ливерпул, постигнувајќи го можеби најимпресивниот триумф од времињата кога „црвено-белите“ беа европски и светски шампиони.
А, неверојатниот триумф го најавија и навивачите, коишто до последно место го преполнија стадионот „Рајко Митиќ“ и направија атмосфера што го одзема здивот. Тука беше и паролата истакната од најверните звездини навивачи, „Делиите“ кои позајмија стих од „Горскиот венец“ и им порачаа на своите миленици „Нека има борба без престан“.
Токму таа идеја, таа мисла и водеше фудбалерите на српскиот шампион во текот на целиот натпревар, коишто, со фудбалски речник кажано, апсолутно изгинаа на терен. Беа сосема рамноправен, а на моменти и поконкретен, поквалитетен противник, што по завршувањето на средбата го истакнаа и тренерот и дел од фудбалерите на Ливерпул.
Круна на вечерта, секако беа двата фантастични голови на зведината деветка, Милан Павков, кој прво во 22 минута, по корнер, беше највисок и најконкретен во противничкиот шеснаесетник и со глава ја закова топката во мрежата на Ливерпул. Уште повпечатлив беше неговиот втор гол, седум минути подоцна, кога тој самиот одзема една топка на средината на теренот, тргна кон голот на „црвените“ и од 25-30 метри испрати вистинска бомба кон мрежата на немоќниот голман Алисон.
По оваа победа, фудбалерите предводени од тренерот Владан Милојевиќ се најдоа во ситуација од апсолутни аутсајдери, за какви важеа пред почетокот на Лигата на шампионите и особено по убедливот пораз во Ливерпул од 4:0, да имаат сосема реална можност и право да се надеваат и на поминување во следната осминафиналето од најсилното клупско натпреварување во Европа.
Резултати од останатите натпревари
Наполи – ПСЖ 1:1
Монако – Клуб Бриж 0:4
Атлетико Мадрид – Борусија Дортмунд 2:0
Интер – Барселона 1:1
Тотенхем – ПСВ 2:1
Порто – Локомотив Москва 4:1
Шалке – Галатасарај 2:0
Comments are closed for this post.