Шпанија ја забележа најубедливата победа во досегашниот тек на Светското првенство во Катар, совладувајќи ја вечерва Костарика со 7-0 (3-0) во рамки на воведното коло во групата Е.
Серијата голови ја отвори Дани Олмо во 11 минута по што Шпанија до полувремето ги реши сите дилеми околу победникот со головите на Марко Асенсио (21) и Феран Торес (31) од пенал.
Торес со својот втор гол на натпреварот го зголеми водството во 54 минута, а 20 минути подоцна во листата на стрелци се запиша Гави.
Шпанија продолжи со исто темпо и во завршните минути уште два пати ја смести топката во костариканската мрежа преку Карлос Солер (90) и Алваро Мората (90+2).
Претходно во рамки на истата група, Јапонија забележа сензационален триумф над Германија од 2-1, откако на полувремето беше во негатива.
Во второто коло кое е на програмата в недела, Шпанија ќе игра против Германија, додека Костарика против Јапонија.
Comments are closed for this post.