Реванш натпреварот од полуфиналето на Копа Либертадорес, јужноамериканската Лига на шампиони, меѓу Гремио и Ривер Плата, донесе невидена драма. По првиот натпревар, одигран во Буенос Аирес, Бразилците имаа предност од 1:0, што им даваше голема предност за пласман во финалето, но така не мислеа фудбалерите на аргентинскиот гигант.

Тие од самиот почеток тргнаа во потера по тритумф, создаваа шанси, но без резултат, па така, Гремио дури и дојде во водство во 36 минута. Сепак, кога веќе се чинеше дека Гремио е на пат да ја продолжи одбраната на трофејот, Аргентинците изедначија на осум минути до крајот со голот на Рафаел Боре. Драмата се случи во судиското надополнување кога судијата, дури по прегледувањето на ВАР снимката одлучи дека имало играње со рака во домашниот шеснаесетник, по што покажа на белата точка.

Пеналот успешно го изведе Гонзало Мартинез, со што предизвика вистински делириум на делот од трибините каде што се наоѓаа навивачите на Ривер.

По овој триумф, Ривер Плата го очекува својот противник во финалето од второто полуфинале, во кое нивниот најголем ривал, Бока Јуниорс има предност од 2:0 против Палмеирас пред реваншот што вечерва се игра во Бразил.